drim1
novamakedonija
khantry design
FIDE - Светска Шаховска Федерација, банер
ecu-baner
Јануари 2018
По Вт Ср Че Пе Са Не
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 31
todor-mitrov-logo
PDF Печати
Врз основа на Законот за спорт ( „Службен весник на Република Македонија“ бр.29/02, 66/04 и 81/08) и член 18 од Законот за здруженија и фондации ( „Службен весник на Република Македонија“ бр.52/10), Собранието на Шаховската федерација на Македонија на седницата одржана на 05.12. 2010 година во Скопје донесе



С   т   а   т   у   т

На Шаховската федерација на Македонија

I.    Општи одредби

Член 1.
Шаховската федерација на Македонија ( во натамошниот текст ШФМ ) е федерација      на здруженија , во кој доброволно и на рамноправни основи се здружуваат правни лица: шаховските клубови, Општински шаховски сојузи, Шаховски сојуз на град Скопје и трговски друштва од областа на шахот од територијата на Република Македонија, заради остварување на заедничките цели и задачи во областа на шахот.

Член 2.
Името на федерацијата е Шаховска федерација на Македонија или скратено ШФМ.
Седиштето на ШФМ е во Скопје, на адреса :
сала КК„Работнички“, градски парк б.б., поштански фах 5
ШФМ има својство на правно лице.
ШФМ дејствува и работи на територијата на Република Македонија.
ШФМ е неполитичко, непартиско и непрофитно здружение.

Член 3.
ШФМ има свој печат и штембил.
Печатот на ШФМ е со тркалезна форма, со текст Шаховска федерација на Македонија. Штембилот има правоаголна форма со испишан текст како на печатот и место за број и датум на актот.
ШФМ има свој знак.
Знакот на ШФМ е син шаховски коњ, во основа камениот мост, во тркалезна форма.

Член 4.
ШФМ е член на Македонскиот олимписки комитет (МОК).
ШФМ е член на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), на Европската шаховска унија (ЕЦУ) и на други меѓународни асоцијации.
Одлука за зачленување на ШФМ донесува Управниот Одбор на ШФМ (во натамошен текст УО ).
Во меѓународните асоцијации ШФМ ја претставува Делегат назначен од Управниот Одбор на ШФМ.

Член 5.
Работата на ШФМ е јавна.
Претседателот на ШФМ е одговорен за јавно презентирање на сите активности.

Член 6.
ШФМ го застапува и претставува Претседателот, а во случај на негова спреченост или отсутност,  лице кое го овласти Управниот Одбор на ШФМ.
Имотот на ШФМ не може да се задолжи или отуѓи без претходна одлука на Управниот Одбор.

II.    Цели и задачи на ШФМ

Член 7.
Основни цели и задачи на ШФМ се:
1.    развој и унапредување на шаховската игра во Република Македонија;
2.    координирање и усогласување на програмските активности во областа на шахот;
3.    организација на разни шаховски натпревари во сите категории, како во поединечна така и  во екипна конкуренција;
4.    подготовки на репрезентациите на Македонија за натпревари во земјата и странство;
5.    подготовка на играчите за учество на натпревари во поединечна и екипна конкуренција во земјата и странство;
6.    унапредување на стручната работа и усовршување на кадрите;
7.    соработка со организации кои се особено значајни за развојот на шаховската игра;
8.    соработка со клубови во и надвор од земјата.

Член 8.
Заради создавање материјални услови за остварување на целите,интересите и активностите на ШФМ утврдени со овој Статут, ШФМ може да основа друштво со ограничена одговорност и акционерско друштво.
Одлука за формирање донесува УО на ШФМ, а рeгистрацијата се врши согласно законската регулатива.


III.    Членување и организација на ШФМ

Член 9.
Во ШФМ членуваат одбори, сојузи и клубови односно трговски друштва и други асоцијации што ја негуваат шаховската игра на територијата на Република Македонија.

Член 10.
Стапувањето во членство на ШФМ е доброволно и со доставена пристапница до ШФМ од страна на здружение на граѓани наведено во член 1 од овој Статут.
Одлуката за прием во ШФМ ја донесува Управниот Одбор на ШФМ.


IV.    Права и обврски на членовите на ШФМ

Член 11.
Членот на ШФМ ги има следните права:
-    да бира и да биде биран во органите на ШФМ;
-    да учествува во сите активности на ШФМ лично или преку своите претставници;
-    да ги користи сите права кои произлегуваат од актите на ШФМ, а се во интерес на неговото работење;
-    слободно да го изнесува своето мислење и оценки за работата на органите на ШФМ;
-    да ја информира ШФМ за своите проблеми од финансиска, техничка и организациона природа и бара соодветна помош.

Член 12.
Должности на членот на ШФМ се:
-    да го почитува и спроведува Статутот и другите нормативни акти, одлуки и заклучоци на органите на ШФМ;
-    да соработува и учествува во активностите на ШФМ;
-    да придонесува во работата на органите на ШФМ во кои е избран;
-    презема и други активности што се во интерес на ШФМ и шаховската игра.

Член 13.
Членувањето на членот на ШФМ, може да престане во следните случаи:
-    по негово барање;
-    поради неактивност, со бришење од евиденција;
-    со исклучување од ШФМ, по одлука на Управниот Одбор на ШФМ:
o    за непочитување на Статутот и нормативните акти на ШФМ;
o    за неспроведување на одлуки и заклучоци на органите на ШФМ;
o    за недисциплина и тешка повреда на угледот на член на ШФМ.

V.    Органи на ШФМ

Член 14.
Органи на ШФМ се :
1.    Собрание
2.    Управен одбор (во натамошниот текст УО)
3.    Надзорен одбор (во натамошниот текст НО)

1.Собрание
Член 15.
Собранието на ШФМ (во натамошниот текст Собранието) е највисок орган.
Членовите на Собранието се претставници од шаховските клубови и сојузи, регистрирани во ШФМ во тековната година.
Секој клуб, односно сојуз, има по еден претставник во Собранието. Членови на Собранието може да бидат и други лица, заслужни шаховски работници, со одлука на Собранието, а на предлог на УО.
Членовите на Собранието ги имаат сите права дадени со Статутот и нормативните акти со кои се ополномоштени да учествуваат во работата на Собранието.

Член 16.
Собранието ги извршува следните работи:
-    донесува Деловник за работа на Собранието,
-    донесува Статут, Програма и други акти,
-    усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај и го објавува на својата веб страница,
-    доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа, односно до органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во случаите кога користи средства од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа,
-    одлучува за промена на целта на ШФМ,
-    одлучува за внатрешната организација и организационите форми на органите на ШФМ,
-    избира и разрешува членови на органите на ШФМ,
-    одлучува за статусните измени на ШФМ,
-    одлучува за престанок на ШФМ со двотретинско мнозинство гласови од сите членови на ШФМ и
-    врши и други работи во согласност со Статутот и актите на ШФМ

Член 17.
Собранието своите седници ги одржува најмалку еднаш годишно.
Собранието може да работи ако се присутни повеќе од половината претставници на Собранието.
Собранието одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните претставници на Собранието.
На Собранието се одлучува со јавно гласање.

Член 18.
Седница на Собранието свикува Претседателот на Собранието.
Претседателот на ШФМ по функција е и Претседател на Собранието.
Вонредна седница на Собранието може да се одржи по писмено барање од една третина од вкупниот број членови на ШФМ. Вонредната седница се одржува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето за одржување.
Седница на Собранието за работата на Управниот одбор може да се свика и на предлог на Надзорниот одбор.
Ако Претседателот на Собранието во рок од 30 дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Управниот одбор или иницијаторите.

2.Управен одбор
Член 19.
Членовите на УО ги избира Собранието, со мандат од четири години и со можност за повторен избор.
Во случај на предвремен престанок на мандатот на некој од членовите на УО, по било кој основ, освен на Претседателот, изборот на новите членови на УО ќе се изврши на првата наредна седница на Собранието.
Мандатот на новоизбраниот член трае до истекот на мандатот на останатите членови на УО. Во случај на предвремен престанок на мандатот на Претседателот по било кој основ, Собранието избира нов Претседател најдоцна во рок од 30 дена.

Член 20.
Помеѓу две седници на Собранието со работата на ШФМ раководи УО, кој е колективен извршен орган на Собранието.

Член 21.
УО ги врши следните работи:
1.    Донесува едногодишни програми за работа на ШФМ.
2.    Донесува критериуми за одредување надоместоци на членови на ШФМ.
3.    Подготвува материјали за Собранието.
4.    Ги извршува и го следи извршувањето на одлуките на Собранието.
5.    Усвојува Правилници и други нормативни акти од своја надлежност.
6.    Усвојува Правилници за наградување на шахисти, спортски работници, селектори, тренери и судии.
7.    Ги реализира плановите и програмите на ШФМ.
8.    Формира комисии и други помошни тела на УО.
9.    Ја следи работата на комисиите и другите помошни тела
10.    Донесува календари и пропозиции за натпреварите кои се во ингеренција на ШФМ
11.    Контактира со членството,
12.    Води евиденција на членовите и нивните активности
13.    Ги разгледува пристапниците за нови членови и одлучува по нив.
14.    Врши и други работи од интерес на ШФМ, кои не се во спротивност со овој Статут и Законот.

Член 22.
Управниот одбор на ШФМ го сочинуваат 9 (девет) членови, во кои влегува Претседателот на ШФМ. и потпретседателот на ШФМ.
Управниот одбор од своите редови избира секретар.
Управниот одбор назначува селектори и тренери на репрезентациите на Македонија.
Управниот одбор одредува Делегат кој ќе ја претставува ШФМ во меѓународните асоцијации.
Член 23.
УО се состанува по потреба.
Седниците на УО ги свикува Претседателот, по сопствена иницијатива или по барање на најмалку една третина од членовите на УО.

Член 24.
Со седниците раководи Претседателот, а во негово одсуство Потпретседателот.
УО може да работи доколку се присутни повеќе од половина од членовите на УО. Седница на Управниот Одбор не може да се одржи без присуство на Претседателот или Потпретседателот.
Одлуките на УО се донесуваат со мнозинство гласови од присутните.
Во итни случаи, можно е „одлучување без присуство“. Членовите на УО се изјаснуваат без одржување седница на УО, или без присуство на член на УО, телефонски или преку електронска пошта. Сите одлуки донесени на ваков начин се евидентираат во записник што го потпишува Претседателот на Управниот Одбор.
Одлуките донесени на ваков начин влегуваат во сила со денот на изјаснување на сите членови на УО, освен ако во одлуката не е утврден друг момент за влегување во сила.
За својата работа УО е одговорен пред Собранието.

Член 25.
Претседател
-    раководи, ја застапува и претставува ШФМ
-    во своето работење се раководи од нормативните акти на ШФМ, одлуките на Собранието и други акти;
-    ја контролира исправноста на финансиското работење на ШФМ
-    одговорен е за извршување на финансискиот план на ШФМ
-    за своето работење Претседателот е одговорен пред Собранието;
-    во случај на отсуство Претседателот го заменува Потпретседателот.

Член 26.
Секретар
-    за своето работење секретарот е одговорен пред УО на ШФМ;
-    одговорен е за реализација на сите донесени одлуки;
-    навремено ги изготвува и донесува сите материјали на УО;
-    извршува и други активности кои ќе му бидат одредени од страна на УО на ШФМ.

Член 27.
Селектори и Тренери
-    за своето работење се одговорни пред Управниот одбор на ШФМ;
-    одговорни се за избор на натпреварувачкиот состав и техничката подготвеност на екипата;
-    одговорни се за работата на шаховските школи;
-    се грижат за едукација на членовите на ШФМ;
-    ги извршуваат и другите активности кои ќе му бидат одредени од страна на Управниот одбор на ШФМ

Член 28.
УО за работа на ШФМ формира постојани тела и тоа:
1.    Стручен одбор
2.    Комисија за унапредување и развој на јуниорски шах
3.    Статутарна комисија
4.    Натпреварувачка комисија
5.    Дисциплинска комисија
6.    Судиска комисија
7.    Комисија за издавачка дејност

УО со посебна одлука може да формира и други работни тела. Делокругот на телата се регулира со Деловникот на УО и со нормативни акти на телата.
Телата во текот на своето работење ги применуваат одлуките на Собранието и УО во рамките на Статутот и другите нормативни акти на ШФМ.
Телата имаат свој претседател и членови и нив ги избира УО.
Телата се одговорни за спроведување на програмата за работа на ШФМ и за нивните програми за работа.

Член 29.
За одредени потреби, УО може да формира и повремени комисии. УО може да формира и организационен одбор, кој ќе се грижи за реализација на поголеми шаховски манифестации.

3.Надзорен одбор
Член 30.
Надзорниот Одбор се состои од Претседател и двајца членови - избрани од страна на Собранието, со мандат од четири години и можност за повторен избор. НО работи на посебни состаноци и се грижи за исправноста во работата на ШФМ, реализацијата на програмата и исправноста на финансиското работење на ШФМ, во рамките на правилата за работење на НО.
Во случај на предвремен престанок на мандатот на некој од членовите на НО, по било кој основ, изборот на новите членови ќе се изврши на првата наредна седница на Собранието. Мандатот на новоизбраниот член трае до истекот на мандатот на останатите членови на НО.
За своето работење НО е одговорен пред Собранието.


VI.    Организација на натпревари


Член 31.
При организација на натпревари, ШФМ ќе ги применува правилата на  меѓународните шаховски асоцијации.

VII.    Права и должности на натпреварувачите

Член 32.
Статусот на натпреварувач регистриран во ШФМ, неговите права и должности, премините на натпреварувачите од клуб во клуб, заминувањето во странство, се регулира со Општиот правилник за регистрација и Дисциплинскиот правилник на ШФМ.

Член 33.
Шаховската репрезентација на Македонија ќе ја претставуваат шахистите со најдобри резултати и натпреварувачки континуитет, за што на предлог од селекторот одлучува УО.
Чест и должност на секој селектиран шахист е да ја репрезентира својата земја на најдобар можен начин.
Член 34.
ШФМ е одговорен за навремени и квалитетни подготовки на шаховските репрезентации.

VIII.    Материјално и финансиско работење

Член 35.
ШФМ се финансира преку:
1.    Партиципација во програмата на ШФМ од страна на соодветните државни органи;
2.    Финансиско учество на клубовите.
3.    Приливи од организација на разни натпревари.
4.    Спонзорство од страна на соодветни општински и градски организации и институции;
5.    Спонзорство од други правни субјекти;


Член 36.
Средствата на ШФМ се распределуваат со финансискиот план и годишната програма за работа на ШФМ.
Финансиското и материјалното работење се реализираат во согласност со постоечките законски прописи, врз принципот на програмски активности и нивно одговорно извршување.

IX.    Јавност во работата

Член 37.
Јавноста во работата се обезбедува преку:
-    транспарентно објавување на Статутот и другите акти на ШФМ во согласност со Статутот на ШФМ
-    повикување на претставници од средствата за јавно информирање на седници на органите на ШФМ, на кои се разгледуваат прашања од интерес за пошироката јавност
-    пресс конференции;
-    редовни известувања на средствата за јавно информирање
X.      Награди и признанија

Член 38.
Собранието и УО можат да доделат признанија на своите членови, како и на други лица, организации и институции, кои дале особен придонес за унапредувањето на работата на ШФМ и шахот воопшто.
Собранието и УО можат да дадат предлог и на други органи и организации за доделување на државни и општествени награди и признанија на поединци и организации, за нивните заслуги од областа на шахот.

XI.    Преодни и завршни одредби


Член 39.
ШФМ ќе престане со работа во следните случаи:
-    ако е донесена одлука на Собранието со двотретинско мнозинство;
-    ако бројот на членовите на ШФМ се намали под бројот определен за основање;
-    ако Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука дека програмата и Статутот на ШФМ не се во согласност со Уставот;
-    ако се утврди дека ШФМ престанала со работа;
-    во други случаи определени со закон.

Во случај на престанување со работа, за имотот и средствата на ШФМ одлучува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број на гласови.

Член 40.
Измени и дополнувања на овој Статут донесува Собранието на начин и постапка утврдени со овој Статут.

Член 41.
Собранието на ШФМ е единствено надлежно да го толкува овој Статут, а во итни случаеви толкување ќе дава УО на ШФМ.

Член 42.
Статутот на ШФМ е усвоен на седницата на Собранието одржана на 05.12.2010 година, и стапува во сила со денот на неговото донесување.

Член 43.
Статутот и измените и дополнувањата на истиот произведуваат правно дејство од денот на запишувањето во Централниот регистар на Република Македонија.



Собрание на ШФМ
Претседател,
Лидија Софревска-Андонова

PDF Документи за симнување:



.
Последно освежено ( Петок, 29 Април 2011 15:24 )