| Chess.com.mk се враќа! |
|
|
| Вторник, 29 Септември 2009 13:05 |
|
Идејата за изработка на chess.com.mk дојде пред околу 5 години, а една година подоцна сајтот беше изработен и пуштен во работа како официјален сајт на Шаховскиот клуб „Стефо Балто“ од Струга. Бидејќи во моментот не постоеше ни еден друг шаховски веб-сајт во Македонија, решив да му дадам универзално шаховско име кое нема да биде карактеристично само за клубот, и во рамките на сајтот да влезат и сите шаховски случувања од земјава.
После почетната верзија која и не задоволуваше некакви поголеми стандарди, chess.com.mk претпрпе неколку промени и подобрувања во текот на времето. Како самостоен сајт, финансиран со сопствени средства и работен со огромен ентузијазам, втората верзија на сајтот доби и одлични критики од дневниот весник „Време“, кој редовно вршеше промоција на најдобрите македонски сајтови.
Подоцна, Шаховската федерација на Македонија финансиски го помогна работењето на сајтот кој стана и официјален сајт на истата. Во меѓувреме, поради проблеми со еден од нашите сервери, сајтот згасна и беше заменет со maksah.org. Беа за жал загубени драгоцени информации и многу труд на авторот како и на нашиот спортски новинар Гоце Илковски, кој секојдневно објавуваше свои материјали кои ги читаа нашите шахисти. Сајтот повторно е активиран деновиве. За жал, во моментов не сум повеќе во можност да работам на истиот па ова е и последниот текст кој го пишувам. Сајтот го препуштам во рацете на Дејан Динев, кој ја презема обврската да ја информира домашната јавност за сите шаховски случувања. Му посакувам успех и пријатни моменти, затоа што е вистинско задоволство да се работи на шаховски веб-сајт. Би сакал и да им се заблагодарам на Гоце Илковски и Иван Кочовски за соработката и ентузијазмот кој го покажаа во изминативе години. Со почит, Ристе Менкиноски |

















