energomont
bauer
drim1
novamakedonija
khantry design
FIDE - Светска Шаховска Федерација, банер
ecu-baner
Мај 2012
По Вт Ср Че Пе Са Не
1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31
Гамбитот на Пол Морфи PDF Печати Е-пошта
Напишано од Administrator   
Четврток, 06 Мај 2010 08:12

mitko_novinarСе чудам како порано само два канала на националниот ТВ-сервис собираа повеќе програма од десетиците фреквенции што ни зрачат денес. Дозата од половина час ментален аеробик дневно, под водство на маестро Ристо Нически, тогаш ми изгледаше премала.

Дали сте за шах? Како некогаш. Партија-две антистрес терапија и ментална гимнастика на свеж воздух. Ординација - во дебела сенка, публика и пивце - пожелни.

Оваа идилична ситуација денес е ретка во Скопје, на кое и мајското сонце само му дава посветла нијанса на сива. Се' некој нешто брза, се' некој нешто е зафатен. Сите се во цајтнот. Шахот умира. Шах-мат.

А никогаш не бил поблиску до нас мечот за светската шаховска титула. Само неколку часа возење на исток, во Софија, Топалов и Ананд си ги одмеруваат силите кој ќе биде новиот Морфи, новиот Ласкер, Капабланка, Алјехин или Каспаров.

Останавме и без шаховскиот дом во ГТЦ. Го отселија којзнае каде. А бевме центар на шаховскиот свет. Бевме домаќини на Олимпијада. Еј, Олимпијада! На гости ни дојдоа и легендите Фишер, Карпов и Петросјан. Па турнир на солидарноста...

Се чудам на парадоксот како порано само два канала на националниот ТВ-сервис собираа повеќе програма од десетиците фреквенции што ни зрачат денес. Дозата од половина час ментален аеробик дневно, под водство на маестро Ристо Нически, тогаш ми изгледаше премала. Најавата беше проста - обичен телоп со фигура на црн коњ и натпис: „Шах. Турнир во Линарес. Коментар - Ристо Нически“. Брзав да ги наместам фигурите додека маестро Нически во својот светлокостенлив костум го говореше уводот и педантно ја поправаше позицијата на магнетните фигурки. А, потоа, со несмасност на дете, брзав на својата табла прецизно да ги повторам магичните чекори од танцот на пионите, коњите, ловците и кралицата, а во исто време да не испуштам ни збор од анализата: Како тука изиграл Таљ, како би изиграл Спаски, како во таа ситуација би размислувал Алјехин. Кому му значат нотациите „е4-е5, Сф3-д6...“ ако нема кој тоа да го објасни и раскаже, да појасни како кој може да изигра. Како да го гледате „Мечето Ушко“ во оригинал, на полски, хендикепирани без брилијантната синхронизација на Борис Мајсторов. Со половина гарнитура во рацете, маестро Нически имаше трпение да го објасни секој потег, секоја закана, секој превид. Уште повеќе го сакав ноќниот термин, на крајот од програмата, кога анализите беа поисцрпни и подолги, без временско ограничување. Нически се забораваше и ги игнорираше гестикулациите на техничарите што можеа да се насетат и од оваа страна на екранот, па едно време почнаа и да му го гаснат светлото. А, тој знаеше да им довикне пред камерите од полутемното студио: „Па добро, ќе ме оставите ли да ја завршам партијата?“

Општоприфатено цивилизациско мислење е дека шахот е најумната игра што ја измислил човекот. Само за почетните четири потези од шаховската игра има 288 милијарди комбинации. Забележано е дека генијот Пол Морфи (за кој дури и Боби Фишер призна дека му симнува капа) во својата кариера на неприкосновен крал на шахот жртвувал 52 кралици, 97 топа, 263 ловци и 163 коњи. И победувал.

Комбинаториката ги подобрува трпеливоста, креативноста, самодовербата, ги надградува нумеричките, вербалните, читачките и мемориските способности, да не говориме за интелигенцијата. Има научни докази дека учениците што имаат тешкотии да ја задржат концентрацијата на одредена активност може да ја подобрат играјќи шах.

Во Харлем, на пример, во тој симбол „за опасно црнечко гето“, шахот е вклучен во наставата во некои училишта, па децата се задлабочуваат во играта и развиваат ментални наместо деликвентни способности.

Шах како факултативен предмет кај нас? Ма ајде, што тропам глупости. Маестро Нически си замина на оној свет, како некоја жртва за квалитет од гамбитите на Морфи, која не знаевме да ја искористиме во завршницата.

Си го изгаснавме светлото. По Олимпијадата имавме добиена позиција. Но, како што би рекол Ласкер: „Најтешко е да се добие добиена партија“.

Митко Билјаноски

Забелешка:

Колумната е објавена на ден 6.мај.2010 во - Дневник

Последно освежено ( Понеделник, 13 Септември 2010 14:09 )