energomont
bauer
drim1
novamakedonija
khantry design
FIDE - Светска Шаховска Федерација, банер
ecu-baner
Мај 2012
По Вт Ср Че Пе Са Не
1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31
PDF Печати
Понеделник, 12 Декември 2005 14:43

Тежок период за шахот во Струга


Пишува: Ристе Менкиноски, "maksah.org"


На 50 годишнината од формирањето на својот клуб, струшките шахисти останаа без свој шаховски дом.


Годината во која струшките шахисти ја прославуваа 50-годишнината од формирањето на својот клуб ќе ја паметат по неколку работи. Ќе ја паметат по тоа што клубот го освои 5-то место на екипното првенство на Македонија, со сопствени сили и без никакви звучни засилувања, што е еден од најдобрите пласмани на еден струшки спортски клуб сезонава. Ќе ја паметат и по тоа што струшкиот шаховски клуб стана првиот спортски колектив од градот со свои страници на интернет, како и по организираниот викенд турнир по повод големиот јубилеј. Ќе ја паметат и по тоа што после долги години шахистите од младинската екипа се пласираа и играа на едно светско првенство. Но најмногу од се, струшките шахисти ќе ја паметат оваа 2005 година по тоа што пред нејзиното завршување треба да го напуштат своето шаховско катче и да се иселат - на улица!


Во изминативе 50 години струшкиот шаховски клуб секогаш имал свое шаховско катче. До почетокот на 90-те години од минатиот век, тоа беше зградата на тогашниот "Младински дом" во центарот на градот, во која шахистите имаа голема просторија која ги задоволуваше сите услови за игра. После рушењето на зградата шаховскиот клуб беше преселен во неадекватни простории во "Домот на култура", каде остана кратко време. Во 1994 година, тогашниот претседател на ШК "Стефо Балто", големиот шаховски ентузијаст и вљубеник во древната игра, Томе Мукоски и тогашниот претседател на Општина Струга Раде Кутаноски, склучија договор со кој ШК "Стефо Балто" доби просторија од општината на времено користење, со локација помеѓу брегот на Охридско Езеро и реката Црн Дрим, каде што повеќе од 10 години шахистите од Струга ги остваруваа своите активности.


Во услови кога во градот на прсти можат да се избројат фирмите кои го вложуваат или го помагаат спортот, оваа просторија освен што беше дом на сите шахисти и љубители на шахот во Струга, таа беше и основен извор на финансирање на клубот. Со средствата кои се собираа од гостите во клупското бифе клубот успеваше да ги покрие поголемиот дел од своите основни активности. Треба да се каже и дека кога ШК "Стефо Балто" се всели во просторијата, таа беше запуштена: во неа немаше ништо освен ѕидови кои се распаѓаа и покрив кој прокиснуваше на секој посилен дожд. Сега во просторијата има вода, струја, шанк, тоалет, подиум, санирани ѕидови, нов покрив... Исто така, не треба да се заборави дека на струшкиот шаховски клуб со Анекс на договорот му е одобрено да ја користи просторијата до мај 2007 година.


Сето ова не им пречеше на новите градски власти да донесат одлука со која еднострано се раскинува договорот помеѓу ШК "Стефо Балто" и Општина Струга, и со која струшкиот клуб треба да ја напушти просторијата до 31.12 2005. Со оваа штетна одлука му се заканува крај на функционирањето на ШК "Стефо Балто", затоа што средствата кои доаѓаат од фирмите во градот не се ни приближно доволни клубот да функционира нормално, но можеби уште поважно е тоа што со оваа одлука и се нанесува тежок удар на древната игра, чиј единствен носител во градот и општината е токму ШК "Стефо Балто".


Во вакви околности, последната надеж струшките шахисти ја гледаат во градоначалникот на Струга, надевајќи се дека тој ќе покаже поголемо разбирање од неговите советници и дека нема да дозволи после 50 години, градскиот шаховски клуб од Струга да остане без своја шаховска просторија.  Струга, која во последнава деценија е домаќин скоро на сите државни првенства и која шахистите од државава ја чувствуваат како свој втор дом, треба и мора да има свое шаховско катче.


Авторот на текстот е претседател на ШК "Стефо Балто"