| Разговор со Дејан Стојановски |
|
|
| Напишано од Гоце Илковски |
| Петок, 26 Декември 2008 20:45 |
|
ИНТЕРВЈУ: Дејан Стојановски, Интернационален Мајстор
- Чест ми е да настапувам за македонската репрезентација и секогаш сум подготвен да играм, па макар не добил ниту денар, за разлика од некои што тоа го прават за пари. Се разбира, доколку репрезентацијата ја водат вистински луѓе, односно на селекторското место бидат шаховски имиња како Влатко Богдановски, Драгољуб Јаќимовиќ, Димче Илиевски
- вели надежниот интермајстор, член на Алкалоид од Скопје и на Дубровник од Хрватска, 24-годишниот Дејан Стојановски.
Стојановски е револтиран бидејќи по којзнае кој пат не е на репрезентативниот список. Така беше и пред заминувањето на ШО во Дрезден. - Претходните селектори, а и сегашниот, списокот на репрезентативците го правеа „под маса“ - отворено потенцира Стојановски, кој е без пораз последните 10 години во домашниот куп и лига. И покрај разочарувањата со репрезентативниот дрес, Стојановски е непоправлив оптимист и верува дека велемајсторската норма е достижна. - Верувам дека во следните две години конечно ќе ја освојам највисоката шаховска титула - велемајстор, која е сон за многумина шахисти. Сегашната титулата интермајстор ја има потврдено дури 15 пати, а ја стекнал на 16 години и седум месеци. - Сето ова што досега сум го постигнал е благодарение на ШК Алкалоид, како главен носител на шахот во Македонија. Затоа со право се плашам дека ако тој клуб згасне, ќе згаснат и професионалните шахисти во Македонија, кои и онака се малку. Мојот успех е токму дело на Алкалоид, кој отсекогаш вложувал во шахот. Во македонскиот шах треба да има повеќе луѓе кои би вложувале во древната игра, како што беше поранешниот претседател на Алкалоид, Трајче Мукаетов, а сега неговиот син Живко - вели единствениот лиценциран ФИДЕ-тренер во Македонија и ФИДЕ инструктор за работа со деца, Стојановски. Тој не крие дека детално се подготвува пред секој настап за секој турнир. - Моите досегашни успеси се должат токму на мојата шаховска, психичка и физичка подготвеност. Физичката, по раководство на Емил Жежов, со кого напорно тренирав последната 1,5 година, а психолошката е на д-р Ѕвонко Џокиќ, поранешен шахист и на Никола Стојанчев - вели шахистот кој нема забележано пораз 25 партии последователно на разни турнири или какошто тој вели, годишно губи по една партија. На познатиот играчки „плејчес“ сајт, тој е меѓу првите 30, во т.н. блиц партии на 3 минути. Гоце Илковски |














