|
До првата круна со решителна завршница
ИНТЕРВЈУ: Ристе Менкиноски, нов првак на Македонија за 2008 година
Струшкиот ФИДЕ - мајстор Ристе Менкиноски е нов шампион на Македонија. На првенството во Струга заслужено дојде до својата прва шаховска сениорска круна, што по малку претставуваше и изнанадување со оглед на квалитетот на останатите противници. Но со својта игра (5 победи, 3 ремија и 1 пораз), Менкиноски докажа дека е во врвот на македонскиот сениорски шах.
* Дали и пред стартот на Отвореното првенство на Македонија, очекувавте дека ќе се закитите со сениорската шампионска круна?
- Пред почетокот на првенството воопшто не размислував за тутулата. Се надевав дека ќе одиграм добар турнир од кој ќе останат неколку добри партии, како и секогаш.
* Кога почуствувавте дека тутулата може да стане ваша трајна сопственост?
- После 5. коло. Предходно на два шампионати имав по 3,5 поени од 4 партии, но кај 5-та или 6-та партија, ми се случуваше да направам превид и да го загубам чекорот со водечките. Овојпат, откако ја добив партијата во 5. коло, бев сигурен дека нема да ги повторам грешките од минатото и многу решително влегов во завршницата од турнирот.
* Што претставува за вас оваа круна во досегашната турнирска пракса?
- Да се стане сениорски државен првак во било кое натпреварување е голем успех за секој спортист и сигурно дека претставува голема чест. Предходно на два пати бев младински првак на Македонија, но ова, сепак, е поголемо достигнување, иако чувството да се победи е сосема исто.
* Против кого минавте најтешко, а против кого најлесно?
- Од психолошка гледна точка, најтешко сигурно беше против велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ, затоа што тоа беше партија да се биде или не, односно не смеев да загубам. Партијата ја одиграв одлично и заврши со поделба на поенот. Според позициите пак, најтешко беше против интер-мајсторот Орце Данчевски, со кој во еден момент имав изгубена позиција, но за моја среќа, противникот не ја искористи предноста, а потоа дојде до пресврт. Дека немаше лесни партии на турнирот, најдобро говори и податокот, дека просечниот рејтинг на противниците изнесуваше околу 2.350 поени. Беше потребен голем напор за да се победи било кој.
* Постоеја ли некои специјални подготовки пред првенството?
- Не. Околу седум дена пред турнирот се подготвувавме со интер-мајсторот Дејан Стојановски, но не премногу, за да не ја загубиме свежината за време на турнирот. На крај тоа се покажа како исправен потег, затоа што и двајцата го поделивме првото место.
* Од кого очекувавте повеќе, а кој ве разочара?
- Годинава немаше големи изненадувања, односно фаворитите претежно ја оправдаа улогата. Лош настап имаа досегашниот првак, велемајсторот Звонко Станојоски, кој знаел да се покаже во многу подобро издание, како и фиде-мајсторот Зоран Илиќ, кому ништо не му одеше од рака.
*Како го оценувате самиот квалитет на првенството?
- Првенството го имаше оној квалитет на кој сме навикнале. Недостасуваа неколку играчи, кои се на турнири во странство, но тоа е така секоја година. Сепак, претежно беа оние, кои нешто значат во македонскиот шах.
* Кои се вашите идни планови после овој голем успех?
- До крајот на ноември, имам обврски како селектор со женската репрезентација на Македонија, која треба да настапи на Шаховската олимпијада во Дрезден, Германија. Потоа планирам да одиграм еден до два меѓународни турнири.
* Како вашиот успех го доживеаја стружани?
- Стружани, посебно љубителите на шахот и членовите на нашиот шаховски клуб, го проследија како свој, со оглед на тоа дека во 50-годишната шаховска историја, Струга немала машки сениорски првак. Од ден на ден бројот на посетители во турнирската сала се зголемуваше, а на крајот имавме и заедничка прослава во ресторанот “Антика“, покрај кејот на Дрим. Треба да се спомне и тоа дека титулата женски сениорски првак и припадна на Габриела Коскоска, која исто така е стружанка, а ШК “Стефо Балто“, годинава го освои националниот Куп. Па така, ова е година на големи успеси на струшкиот шах.
* Што станува со шаховската просторијата во Струга?
- За жал, ниту резултатите кои ги постигнуваме, не ни помагаат да дојдеме до нова просторија, за што морам да упатам критика до актуелните локални власти во Струга. Мислам дека како спортски колектив, заслужуваме многу поголема поддршка од градот, но не ја добиваме. Се надеваме дека резултатите кои ги постигнавме годинава, ќе донесат позитивни промени.
* Како го оценувате настапот на шахистките, бидејќи вие сте актуелен селектор на женската репрезентација на Македонија?
- Од актуелниот состав на репрезентацијата, на првенство настапи само женскиот фиде-мајстор Весна Секуловска, од чиј настап сум задоволен. Таа играше одлично против посилни противници, а исто така има големо подобрување во однос на предходните два турнира.
* Каква е иднината на женскиот шах во Македонија?
- Доколку не се најде начин да се омасови шаховската игра, преку воведување на шахот во школите и преку отворање на шаховски школи во постоечките шаховски центри, како што се Прилеп, Битола , Струга, Охрид итн..., кои порано даваа голем број на квалитетни шахисти, иднината на женскиот шах не е позитивна. Единствено, преку масовност и популаризација на шахот, можеме да дојдеме до подобри резултати. Во моментов има неколку девојчиња, кои имаат потенцијал да станат силни шахистки. Една од нив, Бојана Бејатовиќ, со неполни 14 години ја повикав во репрезентацијата и таа ќе настапи на Олимпијадата во Дрезден. Со тоа сакам и неа, а и на останатите млади шахистки, да им дадам поттик да работат и да напредуваат, па за неколку години да имаме млада и силна женска репрезентација.
* Која ваша партија ви остави посебен впечаток во Струга?
- Партијата против велемајсторот Влатко Богдановски, која ја одиграв одлично, иако после отворањето ја загубив предноста. Подоцна жртвував коњ, а неговиот крал остана беспомошен во центарот на таблата.
* Титула Интернационален мајстор?
- Досега никогаш не сум имал големи амбиции. Се обидувам да играм што подобро, а резултатите ќе си дојдат сами. На првенството ја освоив првата норма за интер-мајстор и сигурен сум дека, ако и понатаму играм добри партии, ќе ги освојам и преостанатите две норми.
Лична карта
Ристе Менкиноски е роден на 22.04 1978 година во Струга. Игра шах од својата 6-та година, а активно се натпреварува од 1992. Член е на екипата Стефо Балто, каде од 2004 година е претседател. Настапувал и за АДГ Маврово - Скопје и Злетовица - Пробиштип, кога биле во врвот на македонскиот шах. Два пати бил младински првак на Македонија, 6-ти со младинската репрезентација на Шаховската олимпијадата во Линарес (Шпанија) во 1993, каде освојува 7,5 поени од 11 можни и 4. место на турнирот во Белорусија 1994. На 17 - годишна возраст има највисок рејтинг на еден млад шахист во Македонија (2.390), со што во тој миг беше помеѓу првите 10 на нашата рејтинг-листа. Играч, кого победил со најголем рејтинг е велемајсторот Трајко Недев, кој во тој миг имак 2.525 поени, а најзвучно име од странските шахисти, кој капитурилар, е бугарскиот велемајстор Георги Трингов. Исто така во пријатно сеќавање ќе остане и победата над легендата на македонскиот шах, интер-мајсторот Ристо Ничевски.
Гоце Илковски |